Џирона за десет минути ја нокаутира Барса и го круниса Реал Мадрид во нов шампион (ВИДЕО)

Фудбалерите на Реал Мадрид од вечерва и официјално се нови шампиони на Шпанија, откако единствениот тим кој беше в некоја теоретска трка загуби вечерва и тоа на чудесен начин.

Станува збор за Барселона, која по релативно доброто прво полувреме крахира во продолжението и загуби на гостувањето кај Џирона (2-4). Најпријатното изненадување сезонава имаше сензационален блесок во кој со три гола за десет минути направи огромен пресврт. Кристенсен уште во третата минута ѝ донесе водство на гостинската екипа, а само една минута подоцна изедначи Довбик. Составот од „Кам Ноу“ во финишот од првото полувреме пак дојде до водство со голот на Левандовски од пенал, по што следуваше блиц-кригот на домашните. Порту само што влезе во игра со првиот допир на топката во 65. минута го изедначи резултатот, а две минути подоцна му асистира на Гутиерез за прво водство. Истиот фудбалер стави точка на неверојатната вечер со гол во 74. минута.

Џирона со оваа победа ја прескокна Барса и на четири кола до крајот е на второто место со 74 бодови, еден повеќе од директниот ривал. Реал Мадрид има 87 бодови, што е веќе недостижно за било кој од овие два тима.