Црни прогнози за Ред Бул: Наскоро ќе бидат просечен тим, ќе си отиде и Ферстапен

Поранешниот Ф1 возач, сега аналитичар Ралф Шумахер тврди дека заминувањето на Адријан Њуи од Ред Бул е позначаен момент од трансферот на Луис Хамилтон од Мерцедес во Ферари.

За Њуи се посериозно се шпекулира дека исто така ќе заврши во Ферари, а Шумахер смета дека многу брзо Ред Бул ќе стане просечен тим. Причина за тоа е однесување на првиот човек Кристијан Хорнер кој, како што вели, не ги почитува доволно своите најблиски соработници.

„Тоа е факт и треба сите да знаат дека наскоро многу луѓе ќе си заминат оттаму. Се почнува од тоа што Хорнер верува дека никој не му е потребен и дека тој најдобро знае како треба да изгледа Ф1 тим. Затоа и мислам дека Ред Бул многу брзо ќе стане просечен тим, тогаш ќе си замине и Макс Ферстапен кој пред себе има неколку опции, интензивно преговара со други екипи и прашање е само дали ќе си оди во 2025 или во 2026 година“, смета помладиот Шумахер.

Ред Бул е доминантна сила во Формула 1 последните три сезони, вклучувајќи ја и оваа, а досега има шест титули во конкуренција на конструктори.