Драма со среќен крај за Монако - ќе се игра уште една мајсторка во Евролигата

По сериите меѓу Барселона и Олимпијакос и Панатинаикос и Макаби, одлучувачки петти натпревар ќе играат и Монако и Фенербахче.

Францускиот шампион вечерва славеше на гостувањето во Истанбул со 65-62 и се избори за мајсторка на домашен терен која ќе одлучи кој ќе патува за Берлин. Драматичниот меч беше решен во последните секунди, а го одбележаа неколку моменти во финишот.

Прво, на водство од еден разлика за Монако, Гудуриќ беше изблокиран во контранапад при можност да го однесе Фенербахче во предност. Во следниот напад Мајк Џејмс погоди тројка за 61-57, на помалку од минута пред крајот. Фенербахче подоцна пак се доближи на -1 (62-63), имаше и напад за победа, но Вилбекин беше непрецизен и шансата отиде во неврат.

Од четирите четвртфинални серии, досега заврши само онаа меѓу Реал и Басконија во која актуелниот европски шампион славеше со 3-0.