„Фарски Острови се сериозна репрезентација, но верувам во нашите ракометари!“

Македонската ракометна репрезентација денеска ги почна подготовките за бараж дуелите против Фарски Острови за пласман на Светското првенство (СП) во 2025 година.

Селекторот Кире Лазаров пред следните предизвици кажа дека верува во квалитетите на неговите избраници, кои мора да го дадат максимумот ако сакаат пласман на големото натпреварување.

„Фарски Острови е сериозен ривал кој има квалитетни ракометари. Морам да кажам дека мораме сериозно и фокусирано да ги одработиме подготовките за да се прикажеме во најдобро светло. Фарски Острови има сериозни резултати и голем напредок. Верувам во нашите ракометари и во нивниот квалитет. Имаме млада, но талентирана репрезентација, кој со тек на време станува сè подобра. Имаме почит кон противникот, но во исто време се почитуваме и самите себе. Сметам дека шансите се подеднакви, тие се одлична репрезентација, но верувам дека и ние имаме квалитет за да им се спротиставиме“, кажа Лазаров.

Првиот меч меѓу Македонија и Фарски Острови се игра на 8 мај во Торшавн, додека реваншот е закажан за 12 мај во Скопје.