Надал: Сега најдов начин да победам, ама мора да почнам да играм подобро!

Рафаел Надал не се чувствуваше удобно во својот прв меч назад на мастерсот во Рим, а потврда за тоа е тешко извојуваната победа против Белгиецот Бергс во три сета (4-6, 6-3, 6-4).

Десеткратниот освојувач на овој турнир во разговор за медиумите објасни што му се случило денеска на теренот.

„Ова не беше добар меч за мене, не играв како што знам и како што требаше. Најдов начин да победам и да го осигурам настапот за два дена, кога ќе треба да покажам дека можам многу подобро, исто како што играм на тренинзите. Ќе морам да најдам подобро место за себе на теренот во однос на денешниот дуел, а репер за тоа е првиот сет на последниот меч одигран во Мадрид“, изјави Надал.

Запрашан дали е способен да го контролира заморот на своето тело и потрошувачката на енергија на вакви натпревари, Надал изјави.

„Тешко да се направи тоа, бидејќи во моментов можам да одам само чекор по чекор и да правам мали промени од ден на ден. Сепак, денеска се соочив со ситуација да морам да играм до 100% од моите способности, што е предизвик бидејќи се уште имам страв дека со потег би можел да придонесам за враќање на повредата - како што беше случајот со Бризбејн и колкот на кој имав операција. Проблемот е што треба да ги навикнете мускулите на новата конфигурација на тој дел од телото, а немате доволно време за тоа - и тоа е факт. Морам да се ослободам од овој страв, а натпреварите како денешниот помагаат во тоа - да се соочам со преземање ризици. Се чувствувам поподготвен за сето тоа отколку порано, а ако нешто се случи - ќе се случи. Засега – продолжуваме понатаму“, заврши Надал.

Негов следен противник ќе биде полскиот тенисер Хуберт Хуркач.