Се лади шампањот на Максимир: Ристовски и Адеми пред нова титула со Динамо

Најтрофејниот хрватски тим Динамо Загреб се наоѓа на милиметри од нова шампионска титула во домашното првенство откако денеска славеше во мечот на сезоната.

„Модрите“ беа подобри од Риека како гости и триумфираа со 2-1, па на три кола пред крајот имаат предност од четири бода во однос на својот најголем ривал. До победата, Динамо дојде со пресврт, имајќи предвид дека до 75. минута Риека водеше со 1-0, благодарение на голот на Пјаца од пенал.

Во 75. минута Бруно Петковиќ изнуди слободен удар и сам го претвори во гол, а потоа Хоџа, на минута пред истекот на основните 90, го комплетира пресвртот на Динамо.

Во последните три кола, загрепскиот тим игра на домашен терен против Осиек и Рудеш, а гостува на Славен и во овие три меча му се потребни две победи за да ја обезбеди новата шампионска титула.