Спортот пред политиката: Србија и Албанија заедно ќе го организираат ЕП 2027!?

Челниците на Фудбалскиот сојуз на Албанија потврдија дека поднеле кандидатура за организација на Европското првенство за репрезентации до 21 година во 2027 година и тоа изненадувачки - заедно со Србија!

Оваа информација која за многумина е неверојатна со оглед на долгогодишниот албанско-српски анимозитет е потврдена и на официјалната веб-страница.

„Албанија е еден од главните кандидати за домаќин на финалната фаза на младиското ЕП. Бидејќи не се исполнети условите околу бројот на стадиони потребни за нашата земја да биде домаќин на сите финални натпревари, ќе соработува со Србија како заеднички домаќини“, се вели во објавата.

Србите би можеле да ги понудат своите најнови стадиони во Лесковац, Заечар и Лозница, како и Националната арена, која треба да биде изградена до 2027 година. Албанија веќе го организираше финалето на Лигата на конференцијата во Тирана во 2022 година.