Роденден слави најстариот клуб за кого навиваат Македонците, но и Албанци, Турци, Срби...!

Екипата на Љуботен денеска го прославува својот 105. роденден кака најстар активен фудбалски клуб во Македонија.

Во таа чест од таборот на тетовци објавија соопштение во кое ги објаснуваат почетоците, но и потенцираат дека станува збор за тим кој е неизбришлив дел и жив сведок на македонската историја и е симбол на заедништвото не само во Тетово туку и во целата држава.

„Љуботен е дел историјата на моето, на твоето и на сите тетовски и македонски семејства - неизбришлив дел и жив сведок на македонската историја. Љуботен е симбол на градењето на спортскиот дух на младите генерации тетовци и Македонци. Тој не е само на Македонците, туку е симбол на заедништвото кое преку спортот се градеше во Тетово и Македонија. Многу македонски, но и турски, албански, српски, ромски, бошњачки и влашки срца чукаа и се уште чукаат за Љуботен. Тука луѓето никогаш не се делеле по верска и национална основа. Сите љуботенци имаат само една вера - ФК ЉУБОТЕН и една нација - СИНАТА БОЈА, како симбол на синото небо над врвот Љуботен. Сината боја како симбол на ИСТОТО НЕБО ПОД КОЕ ЖИВЕЕМЕ ЗАЕДНО. Сината боја како симбол на младоста, на непокорот и на спортскиот дух.

Пролетта во 1919 година, првата повоена (од Првата Светска војна) генерација на тетовските гимназијалци Јован Марковски (прв претседател на клубот), Стевица Бошњаковски, Никола Павловски-Бутика, Симо Момировски, Заре Заковски, Момчило Ќириќ, Саша Поповски, Миле Захариевски, Стеван Јовановски, Александар-Цане Поповски и Крсто Димитриевиќ го формираа ФК ЉУБОТЕН. И оттогаш, клубот непрекинато опстојува до денешен ден, полни 105 години. ФК ЉУБОТЕН за овие 105 години воспита многу генерации спортисти. Многумина од нив ја пронесоа славата играјќи за фудбалската репрезентација на Македонија, за најдобрите македонски и за бројни странски екипи. ЦЕЛО ТЕТОВО Е ЉУБОТЕН! ТЕТОВО ОД СРЦЕ ЗА ЉУБОТЕН!“, се вели во соопштението по повод роденденот на тетовци.

Љуботен на почетокот од фудбалското првенство во самостојна Македонија беше дел од прволигашката елита, а сезоната настапува во Третата лига - Запад.