Даде четири гола и пак е незадоволен: Халанд му се налути на Гвардиола што го извади од игра (ВИДЕО)

Норвешкиот репрезентативец Ерлинг Халанд повторно го воодушеви светот откако вчера против Вулверхемптон постигна четири гола во победата од 5-1.

Сепак, радоста на најдобриот стрелец во Премиер лигата му ја помати менаџерот Пеп Гвардиола со одлуката да го повлече од игра на десетина минути пред крајот. Очигледно Халанд сметаше дека може да постигне уште некој гол и да испише историја во англиското првенство, но Гвардиола не мислеше така.

Својата фрустрација по замената, Халанд ја покажа на клупата за резервни играчи каде во бес почна да фрла делови од својата опрема и гласно да коментира.

Со оглед на тоа што Норвешка нема да игра на Европското првенство, а Сити испадна од Лигата на шампионите, нема причина Халанд да одмора и да се чува до крајот на сезоната, но Гвардиола смета дека треба да ја подели минутажата со другите фудбалери. Пред се Алварез кој веднаш по влегувањето во игра се запиша во листата на стрелците и го постави конечниот резултат.