Сензационална еден-два победа за Ферари во Австралија!

Карлос Сајнц кој пред само две недели мораше да направи итна операција на слепото црево и ја пропушти ГН на Саудиска Арабија, денеска прв ја мина целта во Австралија, Макс Ферстапен се откажа во четвртиот круг.

Сезоната во формула 1 може да добие нова димензија, на трката за Големата награда на Австралија, болидите на Ферари беа најбрзи.

Сајнц доминираше откако во четвртиот круг Макс Ферстапен имаше проблем со левата кочница и предвреме ја заврши трката.

Карлос Сајнц уште во вториот круг го престигна Ферстапен. Холанѓанецот потоа се држеше на помалку од една секунда до возачот на Ферари, но брзо дојде проблемот со кочниците и откажувањето.

До крајот на трката Сајнц доминантно извозе до првото место, а идеалниот ден на Ферари го комплетираше Шарл Леклер кој како втор ја мина целта. Место на подиумот имаше и за Ландо Норис.

Во топ десет завршија и Пјастри, Перез, Алонсо, Строл, Цунода, Хулкенберг и Магнусен.

По три извозени трки оваа сезона прв е Ферстапен со 51 бод, втор е Леклер со 47, на третото место е Перез со 46, Сајнц е четврти со 40.