Влезниците за финалето од Евролигата достигнаа цена од 8.000 евра

Од синоќа се познати сите четири учесници на завршниот турнир од Евролигата кој годинава ќе се одржи во Берлин од 24 до 26 мај.

Во германската престолнина ќе играат три балкански екипи кои имаат огромен број навивачи и прават прекрасна атмосфера: Фенербахче, Панатинаикос и Олимпијакос. Непосредно по завршувањето на четвртфиналната фаза од Евролигата, почна јагмата за билети, а дел од навивачите воопшто и не прашуваат за цена.

Кога во декември беа пуштени во слободна продажба, билетите чинеа меѓу 229 и 709 евра. Вчера и денеска, на една од најпопуларните платформи за препродажба на влезници, тие достигнаа сума од 7.000 евра за пакет за полуфиналните натпревари и неверојатни 8.000 евра за финалето. Со оглед на тоа што до почетокот на Ф4 има уште две недели, нема да биде изненадување ако цените достигнат петцифрена сума.