Победа со пресврт, Јакимовски и Вашингтон Стејт во втората рунда од НЦАА плеј-офот

Вашингтон Стејт ќе игра во втората фаза од НЦАА плејофот по триумфот против Универзитетот Дрејк со 66-61.

Триумфот беше остварен во последните пет минути откако претходно, речиси цело второ полувреме ВСУ беше во негатива, најмногу од осум поени разлика (46-54). Во следните седум минути, Кугарс направија 18-5 и во последните секунди влегоа со големи пет поени предност кои се покажаа доволни за триумф.

Македонскиот репрезентативец Андреј Јакимовски беше еден од најзаслужните за победата бидејќи го иницираше пресвртот во последната четвртина. Во тие 5-6 минути постигна шест од деветте поени кои ги реализира на овој меч, а од огромно значење беше неговото присуство на теренот и покрај тоа што веќе еден месец игра со повредено рамо. Освен деветте поени, нашиот кошаркар додаде и шест скока.

Во втората рунда од „мартовското лудило“, Вашингтон Стејт ќе игра со Ајова Стејт која беше подобра од Јужна Дакота со 82-65.