Дерби без голови, со една шанса и очајна игра (ВИДЕО)

Јувентус и Милан освоија по еден бод во дуелот кој некогаш беше дерби не само на италијанскиот, туку и на европскиот фудбал.

На Алијанц арената во Торино немаше голови, но тоа и не е најлошата вест од овој меч бидејќи двете екипи за 90 минути игра создадоа само една изгледна шанса за гол. Херој на Милан беше резервниот голман Марко Спортиело кој неочекувано доби шанса да брани на дербито поради повредата на Мајк Мењан на загревањето.

Освен што одбрани еден опасен слободен удар на Влаховиќ пред крајот на првото полувреме, Спортиело се истакна во 50. минута кога во една акција имаше две одбрани, прво на Костиќ, а потоа и на Данило и тоа на спектакуларен начин.

На Милан повеќе му одговараше ремито од овој меч бидејќи ја задржа предност од пет бода во однос на Јувентус, на четири кола пред крајот на сезоната. За „бјанконерите“ ова беше трет нерешен резултат по ред со кој ѝ дадоа шанса на Болоња да се израмни ако утре го победи Удинезе.