Кошаркарите на МЗТ Скопје се многу блиску до елиминација од плејофот во АБА2, откако вечерва на домашен терен загубија во пресметката против Спартак Суботица (73-78), прва од полуфиналната плејоф-серија.

Аеродромци лошо го почнаа мечот, тешко поентираа во првото полувреме, а во еден момент имаа неверојатни 20 скока помалку во однос на противникот. Гостите со 13 поени по ред дојдоа до голоеми плус 11 (26-15) на стартот од вториот период, што малку ги подразбуди аеродромци, кои заиграа подобри и на одмор заминуваа со негатива од четири поени (31-35). „Металците“ беа многу подобри во второто полувреме, па пред крајот на третата четвртина со серија 11-3 доаѓаат и до водство со 55-50. Поголемиот избор квалитетни кошаркари на Спартак, сепак, дојде до израз во финишот, кога составот од Суботица повторно дојде до двоцифрена предност (78-68). Скопјани до крајот малку ја намалија негативата, за каква-таква шанса за евентуално нејзино надополнување во реваншот.

Војдан Стојановски со 20 поени, три скока и шест асистенции беше најдобар кај МЗТ, каде што Хариис Делалиќ постигна 13, а Марко Баковиќ 12 поени.

Реваншот се игра следната сабота во Суботица. Се игра на вкупна кош-разлика, што значи дека аеродормци ако сакаат финале ќе мора да победа со најмалку пет поени разлика.