Не постои конкуренција за Ферстапен - четврта победа во петтата трка сезонава

Тројниот светски шампион Макс Ферстапен дојде до четвртата победа во петтата трка оваа сезона откако денеска славеше на Големата награда на Кина.

Возачот на Ред Бул го задржа максималниот биланс во трките во кои успеа да стигне до финишот, а воедно во Шангај го комплетира двојниот триумф бидејќи вчера беше најбрз во спринтот. Тој беше во водство речиси цела трка, со исклучок на периодот при првите влегувања во боксот. Перес му беше прв следбеник, но тоа се промени по двете излегувања на патеката на безбедносните возила.

За Ферстапен ова беше 58. победа во кариерата, остварена со десетина секунди предност во однос на второпласираниот Ландо Норис од Мекларен. На третото место се искачи вториот возач на Ред Бул, Серхио Перес.

Светскиот шампион ја зголеми предноста на чело на генералниот пласман во Формула 1 бидејќи сега има 110 бода, 25 повеќе од второпласираниот Перес. Следната трка се вози на 5 мај, за Големата награда на Мајами.