Чави официјално го потврди останувањето: Јас сум војник на Барселона!

Чави Хернандез денеска и официјално потврди дека ќе остане тренер на Барселона дури и по крајот на сезоната, без разлика што во јануари најави заминување како последица на големата резултатска криза на Каталонците.

Челниците на составот од „Камп Ноу“ оттогаш работат за да го сменат неговото мислење, во што и конечно успеаја без разлика што шпанскиот тренер не успеа да се пласира во полуфиналето на ЛШ и полека ја губи трката за шпанскиот трон со Реал Мадрид. На прес-конференција првиот човек на клубот Жоан Лапорта нагласи дека Чави не мрда од тренерското столче, а обраќање кон јавноста имаше и самиот тренер.

„Знаете колку ја сакам Барселона. Благодарен сум за убавите зборови. Јас сум војник на овој клуб и најважна работа е заедништвото. На состанокот со претседателот открив дека ѝ стојам на располање на Барса. Почувствува огромна доверба од спортскиот менаџмент и управата“, рече Чави.

Заедно со Чави и Лапорта на средбата со седмата сила беше и спортскиот директор Деко, кој исто така имаше важна улога во оваа операција.